сабота, 3 ноември 2007

Зошто на Скопје му треба подобар јавен превоз?

Секој ден се возам со автобусите на ЈСП. Најчесто користам една автобуска линија, на која се возам два пати дневно. Обично купувам месечна карта, иако за оваа шема на возење заштедата со месечна карта е многу мала.
ЈСП е јавно претпријатие кое е формирано многу одмна. Прво претпријатие кое нуди јавен превоз во Скопје. Но, иако годините поминуваат, времето во ЈСП стои. ЈСП пропаѓа со години наназад. Тоне благодарејќи на неспособноста на управниот одбор од него да направи квалитетно претпријатие кое може да се спротивстави на конкуренцијата.
Пред некоја недела Владата донесе одлука за намалување на ДДВ за јавен превоз од 18% на 5%. Сите очекуваа пад на цените на јавниот превоз, но ова не се случи. ЈСП уште вози по истите цени. Реално гледано, не само што немаше намалување на цените, туку цените за јавниот превоз поскапеа. И покрај тоа што крајната цена е иста, намалувањето на данокот значи зголемување на основната цена на услугата, односно нејзино поскапување.
Сега, ЈСП се јави со барање до Владата за субвенционирање на јавниот превоз. Тврдат дека тоа е така во другите земји, за што се во право. Но, каков е квалитетот на услугата во другите земји? Како изгледаат претпријатијата кои се бават со јавен превоз во другите земји? Каква е нивната организациона структура? Колку превозот во другите земји одговара на потребите на граѓаните?
Субвенциите нема да го спасат ЈСП. Градот треба да има поразличен пристап кон јавниот превоз. Мора се пристапи кон издавање лиценци за јавен превоз на неколку претпријатија. Тие претпријатија ќе мора да имаат модерен и унифициран систем за наплата на услугата, нови превозни средства со низок под (пристапни за хендикепирани, стари и изнемоштени лица) со ограничување на нивната старост. Градот мора да се обврзе да овозможи посебни сообраќајни ленти по градските улици по кои (особено во „шпицовите“) ќе може да се движат возилата од јавниот превоз. Клучен фактор ќе треба да биде нивото на загадување на околината кое ќе го генерираат превозните средства (бучава, издувни гасови...).
Додека не се најде кадарен човек во Град Скопје или евентуално во Владата, Скопје ќе се гуши во сообраќаен хаос од возила, без никаков друг вид на јавен превоз.

Нема коментари: