сабота, 27 октомври 2007

Грција се држи за тенко конче, а виси на врвот на стокатница

Кога ќе се спомне спорот на Грција со Македонија во врска со името, никако неможам да сфатам дека Грците сеуште се убедени дека се во право. Не ми е јасно како може некој да е до толку самобендисан, до толку полн со сила и енергија што упорно низ годините изјавува безобразни лаги. Постојаното поткрепување на нашата вистина со факти како за нив да не е доволно да се откажат, туку напротив - поголем мотив за да изнесат уште повеќе лаги.
Во 21-иот век цивилизациите имаат многу поголема мисија, отколку да расправаат за тоа која земја како ќе се вика. На крајот на краиштата - секој има право да се именува онака како што ќе посака.
Една изјава која ја прочитав деновиве вели вака: „Грците во северниот дел може да се нарекуваат Хелени или Тракијци - како сакаат. Луѓето од севрниот сосед на Грција може да се нарекуваат само Македонци, затоа што никогаш ништо друго и не биле!“
Вчера го прочитав и ставот на проф. д-р Љубинка Басотова, класичен филолог. Изнесува факти од делата на класичните автори - дела кои денешна Грција не ги оспорува. Еве што таа пишува:

Зошто Демостен, хеленската гордост и слава, за таткото на Александар Македонски жестоко ќе извикува на атинската агора дека Филип: “ .. не само што не е Хелен, не само што не им е близок ни роднина на Хелените, туку тој не е ниту од барбарска земја, за која би се кажало нешто убаво, туку е Македонец - гибел и Македонец - злодеец” (Демост. Трет говор против Филипа, гл. 31)
Целата статија ја има на овој линк.
Грција може многу да добие од Македонија. Реално, таа е еден од најголемите инвеститори. Македонија е можеби мал пазар, но затоа пак граничи со Србија и особено Косово кое нуди огромна заработувачка (која најчесто се стекнува по пат на шверц, ама тоа е друга приказна). Македонија има поефтина работна сила од Грција, така што скапото производството во Грција лесно се трансформира во ефтино производство во Македонија. Од овие причини, Грција има интерес да ја види Македонија во Европската Унија и НАТО.
Политиката која ја води владеачката гарнитура во Грција по прашањето со името на Македонија не ја отсликува желбата и расположението на граѓаните на Грција. Тие (особено оние во јужниот дел на Грција кој гравитира кон главниот град) ја прифаќаат реалноста и сметаат дека Македонија треба да биде нарекувана по своето уставно име. Доказ за ова е и јавно искажаниот став на грчкиот конзул во Македонија, Теодора Гросоманиду (која лично ја познавав). Според неа, Грција мора да ја прифати реалноста дека поголемиот дел од светот ја призна Македонија под нејзиното уставно име.
Македонија и Грција ќе најдат заеднички јазик по прашањето за името. Сега, кога речиси 2/3 од членките на ООН (недостасуваат уште пет-шест земји) не признаа под уставното име, Македонија има основа да побара нова резолуција во ООН која ќе се однесува на употребата на нејзиното уставно име. Ова е пожелно да се случи оваа година, додека претседател на Генералното собрание на ООН е г-дин Срѓан Керим. На крајот, правдата ќе биде задоволена.

четврток, 25 октомври 2007

Google почна да нуди IMAP пристап за Gmail сервисот

Долго време недостасуваше оваа опција на еден од нивните најуспешни сервиси - Gmail и конечно сега Google почна да ја нуди. Информацијата доаѓа од официјалниот блог на Gmail.
Најголем дел од корисниците на Gmail електронската пошта ја проверуваат преку web пристапот, пристапувајќи со нивниот прелистувач на адресата www.gmail.com. Но, они кои користат клиенти за електронска пошта, како на пример Thunderbird, досега имаа единствен начин за симнување на нивната пошта, а тоа е POP протоколот. Со IMAP протоколот, освен можноста за симнување на електронската пошта со помош на клиентски програми, се нуди и можност за синхронизација на пораките на серверот со оние кои се веќе симнати од страна на клиентските програми. Така, ако во Thunderbird преместам една порака од еден фолдер во друг, истото ќе пренесе и на Gmail серверот, а понатаму и на секој друг уред (PDA, мобилен...) со кој ќе се пристапи до истото поштенско сандаче.
Упатство како да се постави Thunderbird 2.0 за IMAP пристап до Gmail има овде, но претходно мора да се овозможи IMAP пристап преку промена на поставките во самиот Gmail.

P.S. Во моментот додека го пишувам ова, во поставките за моето Gmail сандаче сеуште ја немам опцијата за IMAP пристап. Треба време (неколку дена) додека да се овозможи оваа опција за сите корисници.

вторник, 23 октомври 2007

Совршен десктоп

Пред неколку дена и официјално излезе Ubuntu 7.10. По најавата за голем број на новитети во Gutsy Gibbon (другото име на Ubuntu 7.10), веднаш направив upgrade од претходната верзија (7.04). Морам да признаам дека изгледа импресивно. Многу работи кои ми недостасувале претходно, па сум се обидувал да ги најдам ваму-таму сега се дел од оперативниот систем.
Оваа верзија на Ubuntu е моја најдобра препорака за сите оние кои сеуште не пробале од Linux вкусот. А, за зголемување на задоволството, подобрување на перформасите, инсталирање на препорачан (слободен) софтвер, следете ги упатствата на следниот линк. (содржината е на англиски јазик)

петок, 12 октомври 2007

Срамно бегање од одговорноста

Не сакам многу да слушам политика, најмногу од причина што ова што во Македонија се сервира како политика всушност има најмалку врска со тоа што политиката треба да биде.
Парламентот, како собир на избраници кои треба да се борат за правата на граѓаните кои ги избрале, всушност функционира како место во кое спокојно се собираат багабонти, разбојници и криминалци. И кога им стана навистина досадно од секојдневното плукање и изнесување на лични и политички дисквалификации - се истепаа меѓу себе! Онака, уличарски!
Неможев да поверувам дека нешто вакво може да се случи. Не дека не очекував, бидејќи ако го гледате овој состав на парламентот ќе приметите дека на најголем дел од пратениците местото им е - на улица!
И, ајде, еве, се случи! Им зовре, се истепаа, се избрукаа (а, дали ова навистина го сфаќаат како брука, или како чин на лична промоција во круговите за кои навистина работат?) и готово. Формираа и комисија за да се утврди кој навистина почна...
И ништо... Повторно слабаци... Повторно истите тие лузери... Никој нема образ да каже: „Јас прв почнав!“ И да ја завршиме приказната! Да се вратат другите на работа во своите удобни фотељи во големата собраниска сала. Луѓето што ве гласаа очекуваат резултати.
Ах, да, резултати... Понижувачки е извештајот (pdf) што деновиве го објави граѓанската асоцијација МОСТ. Во нив стои:

Од донесените само 2 закони биле предложени од пратеници, а вкупниот број на закони поднесени од страна на пратениците во овој период е 7.
Од ваков парламентарен состав, од ваква збирка на деликвенти, неможе ништо повеќе да се очекува.

четврток, 11 октомври 2007

Апсурд во мобилната телефонија

Спласна малку целата фама околу новиот оператор. За две недели од неговото појавување најефтиниот оператор стана - најскап! По големото поефтинување на цената на импулсот во мобилната телефонија иницирано толку од Vip, следеше намалување на цените кај другите два оператори. T-mobile ја симна цената на 7,5 денари по минута, а Cosmofon промовирајќи ги новите SIM картички FROG понуди цена од 6,9 денари за минута разговор. Подоцна, Cosmofon промовираше и нова тарифа TOP која излезе дека за разговори до 6 минути е поефтина од сите други понуди на пазарот - само 6 денари.
Апсурдот е со постпејд претплатниците како мене. Поефтинувањето на цените е само за припејд корисниците. Во моментов, како постпејд претплатник во мрежата на Cosmofon плаќам многу поскапо за минута разговор отколку припејд корисниците. Цените кои сега ги плаќам се 14,4 денари за минута разговор кон број од другите оператори, а 9,6 денари за минута разговор кон број од мојот оператор. За ефтина тарифа ми се тарифира 9,6 денари за минута разговор кон број од другите оператори, а 3 денари кон број од Cosmofon. Во било кој случај - плаќам многу!
А, профитот на мобилните оператори најмногу доаѓа токму од постпејд корисниците, бидејќи најчесто тие се врзани со договори и месечни претплати. Тие се и обично попривилигираните корисници, токму поради фактот што на долги патеки профитот на компанијата доаѓа од нив.
Ситуацијата би требало набрзо да се промени. По најавите на Vip за воведување на постпејд тарифа во ноември 2007, би требало да се очекува одговор од T-mobile и Cosmofon. Речиси е сигурно дека ситуацијата ќе биде слична како сега со припејд претплатните. Цените допрва ќе паднат.
Македонски телекомуникации како (досега) единствена компанија која нуди фиксна телефонија веќе забележа намалување на бројот на претплатници за минатата година, токму на сметка на зголемување на бројот на претплатници кај T-mobile и останатите мобилни оператори. Иако постојат најави за намалување на цените во фиксната телефонија, интерес за користење на фиксен телефон - нема!