петок, 2 мај 2008

Македонски форум за Ubuntu корисници


Започнат е форум за Ubuntu корисници. Форумот е комплетно на македонски јазик и е наменет за почетници, но и напредни корисници. Ова е одлична идеја за сите „хакови“ и упатства за Ubuntu на македонски јазик да се најдат на едно место.
За да стигнете до форумот, кликнете на линкот.

среда, 23 април 2008

Новото Ubuntu 8.04...

Во исчекување на новaтa верзија на Ubuntu (8.04) со кодно име Hardy Heron редовно ја погледнувам листата на новини кои ќе бидат испорачани со него.
Дискови со новото Ubuntu можете да нарачате тука. Стандардното време на испорака е 6-10 недели. Но, доколку имате добра интернет конекција надградбата можете да ја направите онлајн. Ќе добиете стандардно известување за update какво што добивате при update на пакети. Во прозорецот за надградба ќе биде назначено дека има нова верзија на Ubuntu на која можете да се надградите. Обично надградбата се завршува за еден или два часа.

недела, 18 ноември 2007

Compiz Fusion за Ubuntu

Подолго време користам Ubuntu на мојот HP Compaq nx9420 лаптоп со ATI Mobility Radeon X1600 графичка картичка. Досега не успеав, а можеби не се ни потрудив баш доволно да инсталирам Compiz Fusion. Се додека не налетав на овој туторијал.
Еве што треба да направите доколку сакате да додадете визуелни ефекти на вашиот Ubunutu:
1. Отворете Synaptic Package Manager (System > Administration > Synaptic Package Manager)
2. Притиснете на Search и барајте compizconfig
3. Кога ќе го најдете пакетот
compizconfig-settings-manager притиснете на коцката пред него и одберете Mark for Installation
4. Прифатете ги излистаните пакети со притискање на копчето Mark
5. Потоа, побарајте ги пакетите
gnome-compiz-manager и emerald
6. На алатникот (toolbar) притиснете на копчето Apply. Симнувањето и инсталацијата на пакетете ќе започне. Откако ќе добиете потврда дека сите пакети се симнати и инсталирани успешно, затворето го прозорецот на Synaptic Package Manager.
7. За да се осигурате дека Compiz Fusion е инсталиран како што треба, одете на
System > Preferences > Appearance и на јазичето Visual Effects одберете Custom. Дополнителни поставки на Compiz Fusion можете да направите откако ќе притиснете на копчето Preferences.

Еве и неколку кратенки за побрз пристап до некои од ефектите:

SUPER+SHIFT+DRAG LEFT MOUSE = draw fire
SUPER+SHIFT+C = clear fire
CTRL+ALT+DRAG LEFT MOUSE = rotate cube
CTRL+ALT+LEFT ARROW = rotate cube
CTRL+ALT+DOWN ARROW = flat desktop
SHIFT+ALT+UP = initiate window picker
CTRL+ALT+DOWN = unfold cube
ALT+TAB = window switch
SUPER+TAB = flip switcher or ring switcher, depending on which is enabled.
ALT+F7 = initiate 'move windows'
SHIFT+F9 = water effect
SHIFT+F10 = slow animations
CTRL+ALT+D = show desktop

За групирање и работа со јазичиња:
SUPER+S = select single window
SUPER+T = tab group
SUPER+Left = change left tab
SUPER+Right = change right tab
SUPER+G = group windows
SUPER+U = ungroup windows
SUPER+R = remove group window
SUPER+C = close group
SUPER+X = ignore group
Држи го копето SUPER притиснато и селектирај го прозорецот кој сакаш да го групираш. Потоа притисни SUPER+G.

Копчето SUPER е всушност Windows копчето на повеќето тастатури.

сабота, 3 ноември 2007

Зошто на Скопје му треба подобар јавен превоз?

Секој ден се возам со автобусите на ЈСП. Најчесто користам една автобуска линија, на која се возам два пати дневно. Обично купувам месечна карта, иако за оваа шема на возење заштедата со месечна карта е многу мала.
ЈСП е јавно претпријатие кое е формирано многу одмна. Прво претпријатие кое нуди јавен превоз во Скопје. Но, иако годините поминуваат, времето во ЈСП стои. ЈСП пропаѓа со години наназад. Тоне благодарејќи на неспособноста на управниот одбор од него да направи квалитетно претпријатие кое може да се спротивстави на конкуренцијата.
Пред некоја недела Владата донесе одлука за намалување на ДДВ за јавен превоз од 18% на 5%. Сите очекуваа пад на цените на јавниот превоз, но ова не се случи. ЈСП уште вози по истите цени. Реално гледано, не само што немаше намалување на цените, туку цените за јавниот превоз поскапеа. И покрај тоа што крајната цена е иста, намалувањето на данокот значи зголемување на основната цена на услугата, односно нејзино поскапување.
Сега, ЈСП се јави со барање до Владата за субвенционирање на јавниот превоз. Тврдат дека тоа е така во другите земји, за што се во право. Но, каков е квалитетот на услугата во другите земји? Како изгледаат претпријатијата кои се бават со јавен превоз во другите земји? Каква е нивната организациона структура? Колку превозот во другите земји одговара на потребите на граѓаните?
Субвенциите нема да го спасат ЈСП. Градот треба да има поразличен пристап кон јавниот превоз. Мора се пристапи кон издавање лиценци за јавен превоз на неколку претпријатија. Тие претпријатија ќе мора да имаат модерен и унифициран систем за наплата на услугата, нови превозни средства со низок под (пристапни за хендикепирани, стари и изнемоштени лица) со ограничување на нивната старост. Градот мора да се обврзе да овозможи посебни сообраќајни ленти по градските улици по кои (особено во „шпицовите“) ќе може да се движат возилата од јавниот превоз. Клучен фактор ќе треба да биде нивото на загадување на околината кое ќе го генерираат превозните средства (бучава, издувни гасови...).
Додека не се најде кадарен човек во Град Скопје или евентуално во Владата, Скопје ќе се гуши во сообраќаен хаос од возила, без никаков друг вид на јавен превоз.

сабота, 27 октомври 2007

Грција се држи за тенко конче, а виси на врвот на стокатница

Кога ќе се спомне спорот на Грција со Македонија во врска со името, никако неможам да сфатам дека Грците сеуште се убедени дека се во право. Не ми е јасно како може некој да е до толку самобендисан, до толку полн со сила и енергија што упорно низ годините изјавува безобразни лаги. Постојаното поткрепување на нашата вистина со факти како за нив да не е доволно да се откажат, туку напротив - поголем мотив за да изнесат уште повеќе лаги.
Во 21-иот век цивилизациите имаат многу поголема мисија, отколку да расправаат за тоа која земја како ќе се вика. На крајот на краиштата - секој има право да се именува онака како што ќе посака.
Една изјава која ја прочитав деновиве вели вака: „Грците во северниот дел може да се нарекуваат Хелени или Тракијци - како сакаат. Луѓето од севрниот сосед на Грција може да се нарекуваат само Македонци, затоа што никогаш ништо друго и не биле!“
Вчера го прочитав и ставот на проф. д-р Љубинка Басотова, класичен филолог. Изнесува факти од делата на класичните автори - дела кои денешна Грција не ги оспорува. Еве што таа пишува:

Зошто Демостен, хеленската гордост и слава, за таткото на Александар Македонски жестоко ќе извикува на атинската агора дека Филип: “ .. не само што не е Хелен, не само што не им е близок ни роднина на Хелените, туку тој не е ниту од барбарска земја, за која би се кажало нешто убаво, туку е Македонец - гибел и Македонец - злодеец” (Демост. Трет говор против Филипа, гл. 31)
Целата статија ја има на овој линк.
Грција може многу да добие од Македонија. Реално, таа е еден од најголемите инвеститори. Македонија е можеби мал пазар, но затоа пак граничи со Србија и особено Косово кое нуди огромна заработувачка (која најчесто се стекнува по пат на шверц, ама тоа е друга приказна). Македонија има поефтина работна сила од Грција, така што скапото производството во Грција лесно се трансформира во ефтино производство во Македонија. Од овие причини, Грција има интерес да ја види Македонија во Европската Унија и НАТО.
Политиката која ја води владеачката гарнитура во Грција по прашањето со името на Македонија не ја отсликува желбата и расположението на граѓаните на Грција. Тие (особено оние во јужниот дел на Грција кој гравитира кон главниот град) ја прифаќаат реалноста и сметаат дека Македонија треба да биде нарекувана по своето уставно име. Доказ за ова е и јавно искажаниот став на грчкиот конзул во Македонија, Теодора Гросоманиду (која лично ја познавав). Според неа, Грција мора да ја прифати реалноста дека поголемиот дел од светот ја призна Македонија под нејзиното уставно име.
Македонија и Грција ќе најдат заеднички јазик по прашањето за името. Сега, кога речиси 2/3 од членките на ООН (недостасуваат уште пет-шест земји) не признаа под уставното име, Македонија има основа да побара нова резолуција во ООН која ќе се однесува на употребата на нејзиното уставно име. Ова е пожелно да се случи оваа година, додека претседател на Генералното собрание на ООН е г-дин Срѓан Керим. На крајот, правдата ќе биде задоволена.

четврток, 25 октомври 2007

Google почна да нуди IMAP пристап за Gmail сервисот

Долго време недостасуваше оваа опција на еден од нивните најуспешни сервиси - Gmail и конечно сега Google почна да ја нуди. Информацијата доаѓа од официјалниот блог на Gmail.
Најголем дел од корисниците на Gmail електронската пошта ја проверуваат преку web пристапот, пристапувајќи со нивниот прелистувач на адресата www.gmail.com. Но, они кои користат клиенти за електронска пошта, како на пример Thunderbird, досега имаа единствен начин за симнување на нивната пошта, а тоа е POP протоколот. Со IMAP протоколот, освен можноста за симнување на електронската пошта со помош на клиентски програми, се нуди и можност за синхронизација на пораките на серверот со оние кои се веќе симнати од страна на клиентските програми. Така, ако во Thunderbird преместам една порака од еден фолдер во друг, истото ќе пренесе и на Gmail серверот, а понатаму и на секој друг уред (PDA, мобилен...) со кој ќе се пристапи до истото поштенско сандаче.
Упатство како да се постави Thunderbird 2.0 за IMAP пристап до Gmail има овде, но претходно мора да се овозможи IMAP пристап преку промена на поставките во самиот Gmail.

P.S. Во моментот додека го пишувам ова, во поставките за моето Gmail сандаче сеуште ја немам опцијата за IMAP пристап. Треба време (неколку дена) додека да се овозможи оваа опција за сите корисници.

вторник, 23 октомври 2007

Совршен десктоп

Пред неколку дена и официјално излезе Ubuntu 7.10. По најавата за голем број на новитети во Gutsy Gibbon (другото име на Ubuntu 7.10), веднаш направив upgrade од претходната верзија (7.04). Морам да признаам дека изгледа импресивно. Многу работи кои ми недостасувале претходно, па сум се обидувал да ги најдам ваму-таму сега се дел од оперативниот систем.
Оваа верзија на Ubuntu е моја најдобра препорака за сите оние кои сеуште не пробале од Linux вкусот. А, за зголемување на задоволството, подобрување на перформасите, инсталирање на препорачан (слободен) софтвер, следете ги упатствата на следниот линк. (содржината е на англиски јазик)