четврток, 11 октомври 2007

Апсурд во мобилната телефонија

Спласна малку целата фама околу новиот оператор. За две недели од неговото појавување најефтиниот оператор стана - најскап! По големото поефтинување на цената на импулсот во мобилната телефонија иницирано толку од Vip, следеше намалување на цените кај другите два оператори. T-mobile ја симна цената на 7,5 денари по минута, а Cosmofon промовирајќи ги новите SIM картички FROG понуди цена од 6,9 денари за минута разговор. Подоцна, Cosmofon промовираше и нова тарифа TOP која излезе дека за разговори до 6 минути е поефтина од сите други понуди на пазарот - само 6 денари.
Апсурдот е со постпејд претплатниците како мене. Поефтинувањето на цените е само за припејд корисниците. Во моментов, како постпејд претплатник во мрежата на Cosmofon плаќам многу поскапо за минута разговор отколку припејд корисниците. Цените кои сега ги плаќам се 14,4 денари за минута разговор кон број од другите оператори, а 9,6 денари за минута разговор кон број од мојот оператор. За ефтина тарифа ми се тарифира 9,6 денари за минута разговор кон број од другите оператори, а 3 денари кон број од Cosmofon. Во било кој случај - плаќам многу!
А, профитот на мобилните оператори најмногу доаѓа токму од постпејд корисниците, бидејќи најчесто тие се врзани со договори и месечни претплати. Тие се и обично попривилигираните корисници, токму поради фактот што на долги патеки профитот на компанијата доаѓа од нив.
Ситуацијата би требало набрзо да се промени. По најавите на Vip за воведување на постпејд тарифа во ноември 2007, би требало да се очекува одговор од T-mobile и Cosmofon. Речиси е сигурно дека ситуацијата ќе биде слична како сега со припејд претплатните. Цените допрва ќе паднат.
Македонски телекомуникации како (досега) единствена компанија која нуди фиксна телефонија веќе забележа намалување на бројот на претплатници за минатата година, токму на сметка на зголемување на бројот на претплатници кај T-mobile и останатите мобилни оператори. Иако постојат најави за намалување на цените во фиксната телефонија, интерес за користење на фиксен телефон - нема!

Нема коментари: